Toy Dolls годинава на Д Фестивал

Главната бина на Д ФЕСТИВАЛ има чест да го претстави настапот налегендарниот британски панк бенд The Toy dolls (Тој Долс)! Групата годинава ја одбележува 36-годишнината од своето постоење и тоа токму со настапите на музичките фестивали ширум Европа, во чија листа со овој славенички настап се запишува и Д ФЕСТИВАЛ, единствениот тридневен опен аир фестивал кај нас што годинава ќе се одржи од 15 до 17 јули во Дорјан!

По повеќе од три децении активно постоење на музичката сцена, дури 12 студиски албуми и огромен број на басисти и тапанари кои протатнија низ бендот, со Toy Dolls на Д ФЕСТИВАЛ нѐ очекува уникатниот сценски настап спакуван со синхронизирани скокови и кореографија, вртоглави гитари, заводливи мелодии и бројните хитови.

Во 2012 година Toy Dolls се вратија на музичката сцена со албумот „The album after the last one“, чиј наслов е пародија на нивниот претпоследен албум од 2004 година насловен „Our last album“. Следбеникот на нивното последно дискографско издание пак, се подготвува во моментов, а тоа наговестува дека посетителите на Д ФЕСТИВАЛ ќе бидат меѓу првите кои ќе имаат прилика во живо да чујат дел од новиот материјал.

Имено, Toy Dolls веќе го најавија својот 13-ти студиски албум кој ќе биде комплетиран помеѓу бројните клупски настапи на бендот и одбележувањето на 36-годишнината со настапи на фестивалите во 2016 година, која за бендот е година на LIVE настапи!

Низ изминатите 36 години Тхе Тоѕ Доллс зад себе изградија една од најсилните и најлојалните фан бази кои постојат за панк бендовите од нивниот калибар. Првиот албум на групата „Dig that groove baby“ (снимен во 1983) важи за еден од најдобрите панк албуми на сите времиња, покрај нивниот седми албум од 1993 година, „Absurd Ditties“. Со обработката на детската песна „Nellie the elephant“ во 1984 година се искачија на 4 место на британската топ-листа, но и светските топ-листи, а таму се задржаа дури 12 недели.

Вклучувајќи ги ливе албумите и компилациите, Toy Dolls имаат објавеноповеќе од 50 изданија! Во 2015 година пак, се појави и соло изданието на гитаристот и вокалистот Олга, акустичниот албум „Olgacoustic“.

Сѐ започна во октомври 1979 година кога е формирана групата во Сандерленд, Велика Британија. Откако изградија цврста локална фан-база пристигна и поканата да настапуваат како поддршка на двете британски турнеи на Angelic Upstars, кои на Toy Dolls им донесоа одлични критики и медиумско внимание освојувајќи ги фановите ширум цела Велика Британија. По овој успех, следеа и нивните самостојни турнеи, кои од Велика Британија се проширија низ Европа и остатокот од светот. Но Toy Dolls не е само обичен панк бенд! Со своите извонредно енергични и секогаш прецизно подготвени настапи, со гитарската виртуозност и со бројните хитови зад себе, ова е ескапизам на најдобар можен начин! Тхе Тоѕ Доллс се: Olga (вокал/гитара), Tommy Goober (бас) и The amazing Mp Duncan (тапани).