„СЈО“ упадна и на јубилејот на Златна бубамара

Урнебесно, емотивно – спектакл за 20 години од одржувањето на најпопуларниот медиумски настан во Македонија. Вечер исполнета со смеа, и солзи, посветена на „специјалки“, раселени Македонци, студенти, пензионери, политичари, Трамп, музички легенди, врвни актери, хитови. Публиката презадоволна.

Најпопуларната музичко-сценска манифестација во Македонија, Златна бубамара на популарноста, по 20-ти пат го потврди епитетот најпопуларна. Преполната Метрополис арена вчера вечер беше оаза на смеа, хумор, емоции, но имаше и моменти кои до толку го трогнуваат човек, што му доаѓа да заплаче.

Манифестацијата започна со џез-изведбата на „Македонско девојче“ на „Дрим тим“ и Сарита, за потоа традиционално да се појават златните славејчиња во придружба на Ребека и да ја испеат „Љуе Сера, Сера“.

Ранко Петровиќ, горд на овој голем јубилеј како што рече, наместо да ја најави, ја откажа „Бубамарата“ на стартот, шеговито алудирајќи дека годинава многу настани во земјава биле откажани, за подоцна сцената да ја преземе Игор Џамбазов и да ги разгори емоциите кај публиката со песна посветена на Македонците „Што ќе биде, нека биде“.

Со громогласен аплауз беше дочекан незаменливиот Сашко Коцев, кој рече дека оваа година и тоа како има материјал за „Бубамара“, па почна да реди низа шеги на сметка на екстерното, студентските домови, загадувањето, палмите, Боемската улица, (не)исчистениот снег, бесплатното возење во автобус ден и пол како што рече и огромната побарувачка за карта плус (гратис) за Златна бубамара.

Публиката не престана да се смее на музичката пародија во изведба на Коцев („Ајде да одиме на Халкидики“), како и на скечот кога облечен во венчаница излезе на сцена со прашање: „Кога ќе се земат овие?“, алудирајќи на политичките преговори во земјава.

Атанас и Тино беа маестрални со скеч „без мобилен ништо не знаеме“ цитирајќи ја „О тешкото“ со изменети стихови, доловувајќи колку сме навлечени на технолошки уреди, што веќе ни мајка ни татко не гледаме.

Бубо Каров (Цацко) беше задолжен за шега за Трамп и градењето ѕид, велејќи дека ќе побара материјал од претседателот на САД за и ние да направиме еден, да не ни бегаат децата во странство.

Прва од низата статуетки Бубамари, отиде за ансамблот „Мањифико“, при што семејството Кочовски со „Мама Хуанита“ ја прославија наградата за животно дело.

Актерот Драган Спасов Дац му оддаде почит на творецот на Пецко, Дарко Марковски, цитирајќи го „театрите ни се празни кога драмите се на улица“.

Тамара Тодевска беше прогласена за пејачка на годината, а Даниел Кајмакоски за пејач на годината.

Росана беше наградена за трајни вредности и имаше емотивна изведба на легендарната песна „Признавам не можам без тебе“, а заедно со Тамара го изведоа и некогашниот хит „Љубов“.

Најпопуларна утринска ТВ-емисија е „Здраво Македонијо“, а „Фчерашни новости“ ја доби Бубамарата за најдобра сатирично-хумористична емисија. „Еден на еден“ е наградена за најдобра ТВ-забавна емисија.

Спортисти на годината се автомобилистот Игор Стефановски Иџе и пливачот Томи Стефановски.

Маестро Томислав Шопов доби награда за најголеми достигнувања во оперско, симфонично и хорско пеење.

Награда за трајни музички вредности беше доделена на Аки Ракимовски и „Парни ваљак“.

За претстава на годината беше прогласена „Животот е прекрасен“ од МНТ, Јелена Јованова беше прогласена за најдобра актерка, Никола Ристановски за најдобар актер, додека за млад и напреден актер, Бубамара доби Александар Михајловски.

Најперспективна пејачка е Антонија Гиговска. Џамбо Агушев е прогласен за прва труба, а „Љубојна“ го има албумот на годината.

Околу 200 учесници продефилираа годинава на сцената на Златна бубамара на популарноста, за јубилејното издание. Најпосакуваниот и најочекуван културен и медиумски настан во Македонија уште еднаш покажа дека сите нè спојува. Актери, пејачи, политичари, обвинители и останати – сите на едно место со една иста цел – да се смеат… и да се потсетат што ни недостасува – забава. „Сестра ми и другарите по свет си заминаа и како дел од срце да ми скинаа. Нема песни и гитари, нема седенки во двор, само прашања и еден одговор. Што ќе биде, нека биде… Каде овој живот ќе нè однесе, секој крпи крај со крај, но немој, не се предавај, Бубамара сите нас нè спојува. Што ќе биде, нека биде, дајте вино и гитари, да се пеат песни стари, ова вечерва не се купува со пари…“, пееше Игор Џамбазов.

– Никола Ристановски, во стилот на Адел на „Греми“, која ја подели наградата со Бијонсе, Бубамарата за најдобар актер ја подели со Сашко Коцев

– Дамите „специјалки“ растурија: Двојнички на Катица, Фатиме и Ленче пееја: „Ние сме специјалки, нема тата-мата…“

– Совршен и експлозивен настап на „Меморија“, за првпат по 25 години во живо со „Оган под ѕвездите“ (Не барајте вино)

– Во сеќавање на Есма академскиот хор „Мирче Ацев“ ја изведе „Чае шукарие“.

– Златна бубамара со трибјут за Леонард Коен, Принс, Џорџ Мајкл и незаборавниот Тоше Проески.

 

Извор: Слободен печат