Суперхикс го промовираа новиот албум

Новиот албум „Андерграунд евергринс“ (Underground Evergreens) на „Суперхикс“ официјално беше претставен на 3-ти март во музичката продавница „Југотон“.

Албумот е сниман, миксуван и мастериран од страна на Мите Димовски во „Тра Ла Ла Студио“ - Скопје, а еден мал дел е сниман и во студиото на Ивица Јанкуловски. Дел од композициите се реализирани и со гостите на „Суперхикс“ за ова студиско издание, меѓу кои сретнуваме имиња како Канџија и Токсара од Хрватска, но и македонските музичари Киклоп и Александар Конга.

Дизајнот на албумот е направен од страна на дизајнерот Томи Џуровски.

Покрај објавувањето на ЦД-формат, „Суперхикс“ најавуваат дека за овој албум наскоро ќе биде изработен и винил.

Новото студиско остварување на „Суперхикс“ беше промовирано токму на 3-ти март бидејќи во далечната 1994 година на тој датум бендот го имаше својот прв настап, и практично на тој начин се одбележаа 23 години од постоењето на „Суперхикс“.