Стринг форсис со ново видео

По четригодишна визуелна пауза, македонскиот состав Стринг форсис во четвртокот, на 21. март, го промовираше своето ново аудио и визуелно остварување под наслов „Причина-предумисла“. Темата е истовремено и нивни прв сингл од новиот албум во изработка.

Покрај музиката која што е на Стринг форсис, видеозаписот е режисерско дело на Дина Дума, врз основа на концептот на Дориан Јовановиќ. Во главната улога се појавува Влатко Зафирковски, директор на фотографијата е Горан Наумовски, Тања Рибарска монтажа, сценографија на Влатко Зафирковски, шминка Жанета Димитриевска и колор корекција Александар Стојановски. Видеозаписот ќе може да го погледнете на веб-сјатот на Стринг форсис: http://stringforces.info, на некои од македонските телевизии како и на музичкиот канал МТВ Адриа (MTV).

Премиерата на видеозаписот се одржа во преполниот клуб Менада, во четвртокот навечер (21. март) каде што покрај премиерното прикажување на видеозаписот, се претстави и екипата што работеше на него, а целата атмосфера беше надополнета со диџеј-настапот „A Lazarus Taxon“ на тапанарот на Стринг форсис, Лазар Дарковски.