Стокхолм - домаќин на Евросонг 2016

Стокхолм ќе биде градот-домаќин на Евровизија 2016, соопшти Националната шведска телевизија.

По втор пат во историјата на настанот арената "Глоуб" во Стокхолм ќе биде локацијата за Изборот за песна на Евровизија. Полуфиналните вечери ќе се одржат на 10 и 12 мај, а големото финале на 14 мај, 2016 година. Процесот на избирање на градот-домаќин за 2016 година почна веднаш по победата на Манс Зелмерлов во Виена пред речиси два месеци.

„Стокхолм даде обемна понуда што гарантира дека настанот ќе биде подигнат едно ниво погоре", рече Мартин Остердал, извршен продуцент на Изборот за песна на Евровизија 2016.

Тој исто така беше задолжен за продукцијата на изборот во 2013 година во Малме, Шведска. Арената "Глоуб", изградена во 1989 година, беше домаќин на Евровизија во 2000 година. Редовниот капацитет на салата изнесува од 14.000 до 16.000 посетители, но сценографијата и поставеноста на камерите ќе го одлучат конечниот капацитет за шоуата во живо. Исто така ќе бидат искористени околните згради во близина на арената. Прес-центарот за над 1.500 новинари ќе биде лоциран во "Ховет", а делегациите ќе бидат сместени во анексот.

„Врв на организацијата е што ќе можеме да ја вклучиме Теле2 арената во големото финале", рече Остердал.

Шведска е позната по долгогодишната евровизиска традиција и домашниот избор на претставник Мелодифестивален што се смета за голем настан што привлекува голема евровизиска публика ширум Европа. Главната извршна директорка на Националната шведска телевизија Хана Стјарне рече дека со нетрпение го очекува пристигнувањето на четириесетината земји во Стокхолм догодина.

„Одвај чекам да дојде цела Европа во Стокхолм за еден од најголемите настани што се пренесуваат на ТВ. Евровизија е музички натпревар и фестивал, а во Стокхолм можеме да понудиме услови и за двете", рече таа. „Уметниците, ТВ-куќите и обожавателите ќе имаат можност да ја откријат креативноста и музичкиот интерес во Шведска".

Кога слушнал дека изборот паднал на Стокхолм, извршниот надзорен управник на Изборот за песна на Евровизија Јон Ола Санд рекол:

„Се радуваме што Националната шведска телевизија најде посветен партнер во Стокхолм како град-домаќин за Евровизија 2016. Уште ни се свежи сеќавањата од изборот во Малме во 2013 година и одвај чекаме да го кренеме најголемото музичко шоу на светот на нови височини следната година во Шведска".