Скопскиот џез фестивал со голем број ѕвезди

Грегори Портер, Авишаи Коен Трио, Јоаким Кин, Џејмс „Блад“ Алмер се дел од ѕвездите што ќе сјаат на годинашниот 34-ти Скопски џез фестивал, кој ќе се одржи од 15 до 18 октомври на две локации во главниот град. Во четири фестивалски вечери фановите на џез музиката ќе имаат можност да уживаат во уште едно музичко патување со десет реномирани музичари и групи кои доѓаат од САД, Велика Британија, Израел, Германија, Италија, Шведска и Канада.

Триесетичетвртото издание на Скопскиот џез фестивал ќе го отвори концертот на американската гитарска легенда Џејмс Блад Алмер (James Blood Ulmer). Истата вечер на сцената во МОБ ќе го видиме извонредниот италијански тромбонист Џанлука Петрела (Gianluca Petrella), кој ќе го претстави својот најнов проект Cosmic Renaissance.

Втората фестивалска вечер (16 октомври, МОБ) е резервирана за едно од најиновативните имиња во историјата на џез музиката, германскиот пијанист Јоаким Кин (Joachim Kühn). Истата вечер публиката ќе има екслузивна можност да го проследи настапот на реномираниот израелски басист Авишаи Коен (Avishai Cohen) кој во Скопје доаѓа со своето трио. За енергична завршница на втората фестивалска вечер ќе се погрижи британскиот состав Melt Yourself Down, кој ќе настапи во рамки на полноќната програма на фестивалот во Сити хол центарот.

Рециталот на пијанистот Крег Тејборн (Craig Taborn) ќе нѐ воведе во програмата на третата фестивалска вечер (17 октомври, МОБ). Истата вечер, македонската публика ќе има извонредна прилика да биде понесена во магијата на мега-популарниот џез, госпел и соул пејач и добитник на ГРЕМИ, Грегори Портер (Gregory Porter). Полноќната програма ќе го претстави британскиот саксофонист и рапер, еден од најразновидните млади актери на британската сцена - Совето Кинч (Soweto Kinch).

Годинашното патување низ џез музиката ќе финишира в недела, на 18 октомври. Вечерта ќе ја отвори канадското дуо Колин Стетсон / Сара Нуфелд (Colin Stetson / Sarah Neufeld), а по нивниот настап шведскиот бенд Angles 8 ќе ја поведе публиката во експлозивна фестивалска завршница.

Во рамки на годишнашниот Скопски џез фестивал ќе биде поставена и изложба на џез фотографии од словенечката авторка Петра Цвелбар. Изложбата насловена „Sweet Addiction“ ќе биде отворена на 15 октомври во 18:30 часот во Фоајето на МОБ, а посетителите ќе имаат можност да ја погледнат до завршувањето на Фестивалот, одосно до 18 октомври.