Промотивна турнеја на македонската евровизиска претставничка во Русија

Македонската евровизиска претставничка Калиопи викендов престојуваше во Москва, каде што, на покана од организаторот на еден од најголемите промотивни евровизиски настани, за прв пат во живо ја изведе евровизиската песна "Дона". Калиопи беше најавена како поп-дива од прекрасната Македонија.

Концертот се одржа во салата "Известиа", пред околу илјада гости, а истата вечер, во оваа сала настапија и евровизиските претставници на Ерменија, Азербејџан, Белорусија, Израел, Малта, Молдавија, Шпанија, Швајцарија, Кипар и на домаќинот Русија.

Калиопи на своите фанови, кои ја следеа на секој чекор, а ја паметат по нејзиниот настап од Баку, во 2012 година, им подели голем број автограми, а беше дел и од официјалната прес-конференција, посетена од голем број новинари и телевизиски екипи.

"Пресреќна сум што сум во Русија, земја со прекрасен народ и со богата историја, а за мојата прекрасна земја, Македонија, на Евровизија ќе се потрудам да донесам песна и настап што ќе се паметат многу долго", изјави Калиопи вчера на прес-конференцијата во Москва.

В сабота, Калиопи ќе настапи на "Еуровижн ин концерт" во Амстердам, најголемиот промотивен евровизиски концерт, на кој годинава ќе учествуваат 25 земји.

Евросонг годинава ќе се одржи од 10 до 14 мај во Стокхолм, Шведска. Калиопи настапува на втората полуфинална вечер на 12 мај, со песната "Дона", која ќе ја испее на македонски јазик