Почина Вања Лазарова

На 86-годишна возраст во Скопје, денеска почина доајенката на македонската народна музика Вања Лазарова – Димитрова. Лазарова беше родена на 27 април 1930 во село Страцин, Кратовско.

Извесно време работеше во Операта при МНТ, а била членка и на Државниот ансамбл на народни игри и песни „Танец“.

Има испеано стотина македонски изворни народни песни, од кои најголемиот дел се снимени во продукцијата на МРТ. Има настапувано на голем број концерти на повеќе континенти. Пеела во Алберт Хол во Лондон пред британската кралица Елизабета Втора и пред премиерот Винстон Черчил.

„Со маки сум се родила“, „Параходот замина“, „Легнала Ѓурѓа на рамно гумно“, се само дел од стотината македонски изворни народни песни што ги испеа Лазараова, чиј впечатлив глас е дел од македонското музичко наследство. Најголем дел од песните се снимени во продукцијата на МРТ.  Таа е прва македонска пејачка која има снимено плочи за најголемите издавачки куќи „Полиграм“ и „Филипс“.

Особен придонес има во соработката со групата „Анастасија“ за музиката за филмот „Пред дождот“, кој во 1994 освои „Златен лав“ во Венеција.