Почина басистот Денис Чабриќ од групата „Регина“

Еден од членовите на босанскиот музички состав „Регина“, басистот Денис Чабриќ денеска почина од последиците од срцевиот удар кој го доживеал во текот на летувањето со неговото семејство во околината на Задар.

„Отиде мојот голем пријател и комшија..!! Почивај во мир брате..!!! Ќе ни недостигаш на сите нас..!!“, напиша на социјалната мрежа Фејсбук еден од пријателите на Чабриќ.

Трите членови, Александар Човиќ, Денис Чабриќ и Бојан Миличевиќ ја основале „Регина“ во 1990 во Сараево, но проблем им правело тоа што немале пејач. Набрзо го пронашле Давор Ебнер и истата година „Регина“ го издава својот прв албум, „Регина“. Автор на текстовите на групата е Александар Човиќ, а текстовите му се инспирирани од ирската група „Ју Ту“.

Хитовите кои се издвоија од првиот албум се песните „Спавај“, „Не питај ме“ и „Као некада она“. Набрзо станале познати на територијата на цела Југославија.

Во 1992 Регина го објавува својот втор албум „Љубовта не е за нас“. По почетокот на војната во Босна и Херцеговина групата се распаѓа.

Во периодот измеѓу 1992 и 1999 Александар Човиќ ја продолжува работата на групата во Белград и ги издава албумите „Регина“, „Отето од заборава“, „Године лете“, „Ја нисам као други“, „Кад затворим очи“ и „Деведесете“.

Во 2006 Александар Човиќ ја обновува соработката со пејачот Давор Ебнер и тие го објавуваат албумот „Све могу ја“.

Групата „Регина“ беше избрана да ја претставува Босна и Херцеговина на Евровизија во 2009 година со песната „Бистра вода“.