Оливер, Џибони и Влатко го освоија Скопје

Легендата на хрватската и регионалната сцена  Оливер Драгојевиќ и единствениот рокер со нежно срце, Џибони и нивните гости, во саботата на Скопје му подарија оригинална музичка рапсодија, спојувајќи го невозможното: шмекот на медитеранот вткаен во  топлината и носталгијата на последните две децении од минатиот век со движечката сила, ритамот и емоциите на новото време. Двајца музички мајстори, со различна музичка матрица,  од две различни времиња на заеднички концерт за две генерации… го претворија својот настап во семејна хармонија  за сите генерации!

Така некако може да се опише нивниот скопски три ипол часовен спектакл на кој секој сам, потоа обајцата заедно, секој со своите гости и конечно сите заедно со сите нивни гости ВИП Арената „Борис Трајковски“ ја претворија во музичко светилиште, во храм на надежта дека во тешкото и мачно  секојдневие  кое последниве години го живееме, љубовта е она нешто што може да не извлече, охрабри, развесели, разубави животот…!

А токму преку своите песни и музика, и едниот и другиот и нивните маестрални гости на 10 илјадната публика и ги подарија своите версови и ноти, лукаво и слаткоречиво и ја подарија најсилната емоција и подарија љубов! Оливер и Џибо дојдоа да ги видат и слушнат не само скопјани. На концертот се патуваше од сите градови на Македонија, имаше посетители од Србија, дури од Војводина, па и оние кои дошле од Црна Гора, од Хрватска од Дубровник и Цавтат… магија за која се покажа дека пропатуваните стотици километри не се попусти!

Оливер и Џибони ги изведоа своите најголеми хитови, ја анимираа публиката ја електризираа атмосферата со своите песни но и непосрадната комуникација со фановите, воопшто со посетителите…

Од тоа дека во Далмација кога детето ќе се роди првиот глас што ќе го слушне е мајчиниот, а вториот, оној на Оливер ( коментар на Џибони), до претставувањето на нивните специјални гостите како членови на нивното музичко семејство, како што беа најавени браќата Тавитјан заедно со татко им Гаро ( во најавата на Оливер), со кои стариот „морски волк“ ја изведе  „Битола, мој роден крај“, па се до најавата на Џибони: „Го препознавате ли овој човек? Тоа е мојот брат, Влатко Стефановски…“ , кој откако му се придружи на сцената на пејачот и неговиот бенд предводен од маестралниот гитарист и продуцент Никша Братош, направија вистински хаос во салата. Ги свиреа на себесвојствен начин најголемите хитови на Џибони, а Влатко потврди дека неговата гитара не свири… Таа едноставно и „пее и плаче“ во неговите раце!

„Точка на И“ беше кулминацијата во која Оливер и Влатко Стефановски зедно со публиката во еден здив и глас најпрвин вокално – гитарски ја изведоа легендарната „Молитва за Магдалена“ на Оливер, за потоа заедно со Џибони да ја развезат „Елено ќерко“ и конечно, со неговата црномуреста гостинка, вокалистката од  Лос Анџелес,  да направат ВИП Арената едноставно да „експлодира“.  Од добра свирка, лудница од атмосфера, море од емоции… и пред се, од  врвна музика!

Се на се, заедничкиот  концерт со концепт на Оливер и Џибони се претвори во врвно уметничко доживување, какво што може само да се слушне, види и  доживее од најголемите светски музички ѕвезди, на најпознатите сцени во светот.  Оливер и Џибони, секако засилени со своите, а наши гости, на Скопје му подарија семејна музичка хармонија, каква што ретко кој може да му даде!