Оливер Драгојевиќ и Џибони подготвуваат огномент од емоции на 4 март во „Борис Трајковски“!

Заедничкиот концерт на двете музички легенди, двете огромни музички имиња од просторите на поранешна Југославија, Оливер Драгојевиќ и Златан Стипишиќ – Џибони, на кој на македонската публика ќе и го претстават проектот „Фамилија“, е закажан за 4 март во ВИП Арената „Борис Трајковски“, а истиот е во организација на „Гуливер милс“.

„Фамилија“ е проект инспириран од нивни животни приказни и случки, а на концертот освен новите теми Оливер и Џибони, прв и засега единствен пат во ваков состав во Скопје, ќе ги отпеат и своите најголеми хитови.

„Фотографијата за обвивката на албумот ја направи синот на Оливер, Давор, додека, пак, дизајнот е на мојата ќерка Тања. Насловната фотографија е од 80-тите години, а на неа се наоѓа семејството Драгојевиќ. Сите се прашуваат каде сум јас на неа, а јас им одговарам дека можам да бидам само мајмун на таа фотка“, изјави Џибони по промоцијата на материјалот, кој речиси во сите поголеми градови во Хрватска веќе имаше и концертна промоција.

Освен темите од новиот материјал Драгојевиќ и Џибони пред домашната публика ќе ги отсвират своите најголеми хитови, а, се разбира, дека се подготвуваат и неколку изненадувања. Бидете сигурни дека Драгојевиќ и Џибони подготвуваат огномент од емоции.

Билетите за концертот се во ограничен број, а истите се продаваат по цена од 900 денари за седење на трибини, 1.000 на мобилни трибини и партер и 1.500 денари се ВИП влезниците.