НОВО! ПЕСНАТА „ВО БОРБА, ВО БОРБА“ - ДОБИ НОВА ПРЕРАБОТКА!

Во чест на празникот 11 ОКТОМВРИ на иницијатива на Радио Бубамара по 70 години повторно оживеа една од најпопуларните македонски песни на сите времиња. Слободарските стихови од антологиската „Во борба, во борба... македонски народе“, со кои започна НОБ во Македонија и рефрените со кои беше прославена победата над фашизмот, повторно се актуелни благодарение на културно-уметничкиот народен херој и здравствен дисидент Кирил Поп Христов и еколошко-забавниот војвода Ранко Бубамара.

Снимањето на песната има интересна приказна. Новата верзија на песната е снимена пред точно една година, на само неколку часа пред актерот Кирил Поп Христов да замине на лекување во далечниот Еквадор.

„Кога го испраќавме за Еквадор, посака да влезе во студио и да го отпее познатиот рефрен за слободата и да испрати неколку еколошки радиопораки до своите сограѓани. Додека ги ставаше куферите во автомобилот ја отпеа неколку пати, за потоа во студио во еден здив да ја сними само со глас. За наша среќа, имаме и видео запис од неговото харизматично слободарско пееење во студио, кое го снимивме со мобилен телефон, со што успеавме да изработиме и празничен видеоспот“, изјавија од Радио Бубамара.

По неколку дена е снимена и музиката со специјален народен оркестар. На снимката е додаден и дел од говорот на војводата Ранко Бубамара, кој го обзнани во Крушево во име на шумско-еколошкиот манифест за заштита на шумите и дрвата од неконтролирано сечење.

„Секоја генерација има своја Борба, ако на времето нашите предци се бореле и се избориле за СВЕТА НАРОДНА СЛОБОДА, нашата генерација има повеќе борби, меѓу кои е и борбата за екологија и заштита на дрвјата и природата, борба во која не треба да има поделба ни по партиска, ни по класна, ни по верска припадност. Затоа сите треба да застанеме во овој голем народен еколошки фронт и да се избориме за заштита на природата и шумите, а со тоа  и за нашето здравје“, изјавува еколошкиот народен херој Ранко Бубамара.

„Со оваа снимка постарите ќе може да се потсетат, а помладите да ги научат слободарските стихови и во празничните денови гордо да пеат на сиот глас“, порачуваат од Радио Бубамара.

Нека ни е честит 11 Октомври!

Текст од песната „Во борба, во борба... македонски народе“

Со векови окована во пранги,

под ропство пишти Македонија,

појќе не трпиме бесчесни лаги,

во бој последен борци влегоа!

Во борба, во борба, во борба,

македонски народе.

За света народна слобода

со песни и радост се мрее!

Излеговме ние смели партизани,

над нас на Гоце знамето се вее,

во гори, полја и на сите страни,

фашистичка крв насекаде се лее.

Синови сме на нашата татковина,

на илинденските наследници,

строиме живот, слобода, иднина,

за, жени, деца, старци, младинци.