На "МакеДокс" почна работилницата за визуелна нарација „Една слика, илјада зборови“

Во рамките на програмата на осмото издание на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ од 21 до 25 август во Даут-пашиниот амам ќе се одвива работилницата за визуелна нарација, што е лајт-мотив на годинашното издание на фестивалот, која првите два дена ја води Кристина Первила Андерсон, а на 23, 24 и 25 август ќе се приклучи и Туе Стин Милер.

Родена во 1960 година, Кристина Первила Андерсон работи како независна продуцентка од Финска од 1988 година. Зад себе има околу 40 креативни долгометражни филмови за ТВ и кино, голем број меѓународни музички продукции и снимања на настапи во живо и на гостувања на странски оперски куќи во Финска и Шведска. Во април 1999 година ја формира „Милениум филм“. Оттогаш, работела и како аналитичарка, експертка, менторка и модераторка во „Еуродок“, Европската документарна мрежа (ЕДМ) и во програмите за обука на „Чиледок“.

Туе Стин Милер, најпознатиот светски експерт за документарци, никогаш нема фатено камера в рака. Но, доволно е што знае како документарците го менуваат светот. Цели 20 години работел како филмски уредник, дистрибутер и фестивалски менаџер во Данскиот филмски одбор. Десет години раководел со Европската документарна мрежа (ЕДМ), а бил и програмски директор на низа филмски фестивали. Како признат експерт за современите источно-европски документарни филмови, држи работилници и консултации за филмски режисери и предава на разни европски филмски школи, овие денови и на „МакеДокс“.

На првата сесија на работилницата, со примери од филмот „Со љубов“ на Илија Цветковски и Атанас Георгиев, Кристина Первила Андерсон даде неколку совети за филмските автори и фестивалски гости за продуцирањето на креативните документарни филмови.

Програма на МакеДокс за денес

Вечерва, во 22.30 часот во Куршумли-ан, ќе се одржи втората премиера на македонски документарен филм. Станува збор за „Планински кавијар“ на авторот Јордан Дуков во продукција на ТВ Телма.

Активностите на „МакеДокс“ можете да ги следите на сајтот на МакеДокс, како и на:

www.fb.com/MakeDox.mk

www.instagram.com/MakeDox

www.twitter.com/MakeDox

 

www.youtube.com/MakeDox1