Излезе ново оркестарско издание на Симон Трпчески

Дискографската куќа „Оникс Класикс“ го издаде новото оркестарско издание на нашиот пијанист Симон Трпчески, чија концертна промоција деновиве се случи во Ливерпул.

„На ЦД-то се поместени дела од Сергеј Прокофјев: два концерта - број 1 и број 3, како и Увертирата на еврејски теми, изведени заедно со познатата и наградувана екипа во која се и диригентот Василиј Петренко и Кралскиот ливерпулски филхармониски оркестар“, информира Здружението за култура и уметност „КултурОп“.

Овие концерти и новото издание на македонскиот пијанист со проверените соработници беа претставени со пригоден текст „Тимот од соништата се враќа“.

„Овој диск за мене има големо значење бидејќи е сниман непосредно пред раѓањето на моите близнаци Стефан и Андреј на кои ова ЦД и им е посветено: два концерта за двајца браќа. Многу му се радувам и на ова издание, бидејќи Третиот концерт на Прокофјев ми буди убави спомени. Го свирев во финалето на натпреварот во Лондон и сега по толку години го снимив за на носач на звук“, вели во пишаната изјава Трпчески.

По промотивните ЦД концерти во Ливерпул, летниот оркестарски распоред го води нашиот пијанист во Соединетите американски држави, каде ќе биде солист на престижниот Чикашки симфонискиот оркестар. Трпчески ќе има настапи и со Оркестарот на Лил на Фестивалот на Радио Франс во Монпелје, додека следната изведба на проектот „Македонисимо“ со музика од Македонија е најавена за 6 јули во Љубљана