Златна Бубамара 2014

На времето беа „Локици“, а сега „бакици“ и „декици“. Пензионерите беа ѕвезди на вечерта на 17-тото издание на манифестацијата „Златна бубамара на популарноста“, која завчеравечер последен пат се одржи во скопската Универзална сала. Проектот на Владата за бесплатно скијање на највозрасните беше една од највпечатливите точки од годинашното сценарио, а шоуто кулминира кога на сцената се појавија неколку пензионери, „љубители“ на екстремни спортови. Публиката се смееше до солзи на нивната оригинална кореографија. Играа на „Хајдемо у планине“, легендарниот рефрен на „Биело дугме“, а Ранко Петровиќ (креаторот на „Бубамара“) во улога на „инструктор“ од првите редови им се приклучи во импровизираното скијање. „Смејте се на моја одговорност, а за ваше задоволство“, најави тој.

„Само ураниумот е посиромашен од нас. Сите сме социјални случаи, затоа постојано сме на социјалните мрежи. Им робуваме на паметните телефони. Дома јадеме зелка, ама сите имаме ајфон“, подвлече Сашко Kоцев, кој повторно беше маестрален. Н` потсети дека технологијата н` оддалечи како луѓе. Kоцев уште еднаш покажа дека на ова шоу се „пука“ со стил, а повеќето од тие што се на тапет се и присутни во салата, но се смеат и ја „голтаат“ вистината. И власта и опозицијата. Силвана Бонева, Шекеринска, Заев, овој пат особено го инспирираа. Само на „Бубамара“ општествените аномалии се комедија, наместо трагедија. Штабот на Ранко Петровиќ повторно ја оправда довербата од граѓаните, а говорот на гласноговорникот на најпопуларното граѓанско здружение ги насмеа сите.

За Северина, Свето тројство, за Бојс - солзи радосници

На 30 години сум откритие на годината, ама судбината ми била таква, се обрати моментно најголемата македонска ѕвезда Даниел Kајмакоски, кој специјално за „Бубамара“ допатува од Белград. Фаворитот за победа во популарното музичко шоу „Х-фактор“ н` потсети на рефренот со кој се прослави преку ноќ и уште еднаш се заблагодари за поддршката и љубовта од фановите која, како што рече, секојдневно ја чувствува во Србија, каде што привремено живее веќе три месеци.

Kајмакоски и Северина беа најочекуваните ѕвезди на вечерта, а публиката уживаше во нивните настапи. Хрватската поп-ѕвезда, која оригинално ја најави Игор Џамбазов со поддршка од машкиот хор на „Танец“, доби признанија за балканска пејачка, балкански албум на годината и за најдобар концерт на Балканот.

- Овие три награди за мене се Свето тројство. Имаат важно место на полиците во моето срце и ќе ги паметам цел живот - се обрати Северина, која го отпеа единствениот рефрен што самата го напишала за актуелниот албум. Ја придружуваше Влатко Стефановски, кој го најави како најдобриот гитарист во светот.

Последното издание на „Бубамара“ во Универзална стартуваше симболично, како што најавија, со песна „врсничка“ на салата од далечната 1964 година. Евергринот „Рандеву“ го изведоа Петар Ренџов и неговиот „Тумбао салса бенд“. Црномурните девојки што на подиумот се појавија како придружни вокали беа првата асоцијација за добра забава.

Публиката долго аплаудираше на еден од најемотивните парчиња вечерта, наградата за животно дело, која добитникот Драган Kаранфиловски-Бојс ~ ја посвети на Kлиниката за хематологија.

- Пред пет години проф. д-р Борче Георгиевски вдахна нов живот во мене. Лично се уверив колку се големи патиштата Господови. Вербата е победа! - се обрати Бојс, кој го отпеа евергринот „Валерија“. Уште еден емотивен момент на настанот беше последниот поздрав за четворицата поранешни лауреати на „Бубамара“, музичарите Душан Милосављевиќ-Дуле и Ацо Богдановски-Kонга, актерот Бранко Ѓорчев и новинарот Никола Младенов. Џамбазов во нивна чест ја отпеа „Ако умрам ил загинам“ на Јонче Христовски.

Антиоксиданс за детоксикација на душичките

Добри луѓе со мирна совест и нечист воздух, годината ми помина низ магла, се пошегува Kоцев, а „Бубамара“ имаше детаљно разработено сценарио, па за еколошка свест и генски модифицирана храна, освен домаќинот, зборуваа и презентерите, но и лауреатите. Леа со прилепскиот бенд „Д Хаундс“ продолжи во таа насока со рефренот „Да дишеме слободно“. На благодатите на природата н` потсети и Илина Арсова, првата Македонка што го освои Монт Еверест, а „дрвената“ статуетка за спортист на годината ~ ја врачи д-р Аспазија Софијанова, директор на Универзитетската клиника за детски болести. „Нешто смрде мамо“, пееше Бубо Kаров, кој на сцената се појави со маска и со песна сатирично ја исмеа загаденоста на градот.

Од другите награди, „Вечната куќа“ е претстава на годината, а најдобри актери се Оливер Митковски и Драгана Kостадиновска. Наградата за најдобри млади актери ја поделија Валентин Kостадиновски и Атанас Атанасовски од „Театар Kомедија“ за претставата „Стујардеси“, а статуетките им ги врачи нашата манекенка со светска слава Kатарина Ивановска.

Академијата на „Бубамара“ им оддаде признание и на најдобрите телевизиски проекти. „Билките на Баба Рада“ и емисијата со македонски евергрини „Еден бакнеж“ се ТВ-проекти на годината. И списокот со најдобрите во музиката беше долг. „Гласот на виолината“ на маестро Зоран Џорлев е најдобар домашен албум, најдобра пејачка е Тамара Тодевска, а најперспективна Сара Мејс. Тони Зен доби признание за видеозаписот за темата „Под контрола“, Игор Џамбазов за најдобар концерт. Едно од изненадувањата беше херојот од Х-фактор Петар Јојиќ-Перчоли, па домашната публика во живо го слушна со песна од неговиот идол Здравко Чолиќ. „Х-фактор“, пак, доби признание за најдобар балкански музички проект. Награда за трајни вредности доби Влада Дивљан, пејачот и гитарист на култните „Идоли“, кој организаторите го чуваа за крај на шоуто заедно со Бени Шаќири, кој го отпеа хитот на годината, темата „Ми треба љубов“. Снимката од манифестацијата ќе се емитува в сабота во 20 часот, на ТВ „Kанал 5“.