Дуке Бојаџиев со концерти во Хераклеа и во Охрид

На 7 август во Хераклеа Битола и на 9 август во Антички Театар Охрид, концерти ќе одржи еден од нашите најдобри современи пијанисти и композитори, Дуке Бојаџиев, со својот фантастичен проект “Сон Верба,Љубов” . Организаторот Авалон најави дека Дуке Бојаџиев ќе настапи со неговиот ансамбл од специјални гости: Исмаил Лумановски – кларинет Тања Царовска – вокал Мартин Ѓаконовски – контрабас Мартина Блажеска – вокал Костас Анастасиадис – перкусии Владимир Крстев – стринг квартет

„Сон, Верба, Љубов“ во себе ја инкорпорира музиката која што Дуке Бојаџиев ја создаде за филмовите „До Балчак“, „Сенки“ и „Војната заврши“, потоа композиции од неговиот албум „Љубовта е патот“, како и нови, досега неизведени творби. Вклучувајќи ги и аранжманите и изведбата, проектот може да се опише како вкусен спој на филмска, класична и изворна музика, и во него силно се чувствува поднебјето на авторот, односно духот на македонската традиција.
Покрај македонскиот традиционален звук, музиката на Бојаџиев опфаќа фолклорни елементи и од турската, ромската и албанската музика, кои авторот ги соединува во една автентична целина со современ пристап, и со тоа влијае на фузионирање на културното богатство на сите народности што живеат во Македонија. Проектот „Сон, Верба, Љубов“ ке биде изведен во престижниот Карнеги Хол во Њу Јорк на 8 октомври годинава, со камерниот оркестар на Македонската филхармонија.

Дуке Бојаџиев е Македонски композитор, продуцент и пијанист, кој од 2001 година успешно живее и работи во Њу Јорк. Тој има дипломирано на Медицинскиот Факултет во Скопје, а потоа на музичкиот колеџ Беркли во Бостон. Низ неговата интернационална кариера Дуке има работено со добитници на Оскар како Џонатан Деми и Данис Танович, како и со Македонскиот режисер Столе Попов на неговото последно филмско остварување. Неговата музика е користена за светски кампањи на брендови како Пежо, Ланком и Лореал, разни светски компилации како Буда Бар и Маракеш Експрес. Има работено со артисти како Синди Лопер и Телепоп Мјузик, а има настапувано во светски дворани, меѓу кои Карнеги Хол во Њу Јорк, Авалон Театар во Лос Анџелес и Античкиот Театар во Охрид.

Билетите се во продажба од понеделник (20.07) преку продажната мрежа на КупиКартиЗаСе