Документарен филм за „Мизар“ од Марко Џамбазоски

Марко Џамбазоски, студент на Факултетот за драмски уметности во Скопје и музичар во алтернативниот рок бенд „Визија“ направи краткометражен документарен филм „Мизар - ѕвезда на надежта“.

Филмот ги обработува почетоците на „Мизар“ и трнливиот пат, во кој од обичен гаражен бенд, групата станува една од најзначајните музички состави во историјата на македонската рок-култура. Во филмот се користени, главно, досега необјавени аудио и видео материјали од бендот, од кои еден дел се демо-снимки, а други се земени од архивата на МРТВ.

Целокупната приказна во филмот е базирана на сеќавањата на членовите на „Мизар“ од тој период, и тоа на Горазд Чаповски, Панта Џамбазоски, Горан Таневски, Илија Стојановски и Слободан Стојков.

Сценариото, монтажата и режијата се на Марко Џамбазоски, а снимател е Александар Ристески, студент на катедрата по филмско и ТВ снимање.

Филмот досега бил дел од неколку интернационални филмски фестивали како што се Стариград Пакленица (Хрватска), ДОРФ (Хрватска), Скопскиот филмски фестивал (Македонија), Македокс (Македонија), КРАФ (Србија), Ориго (Србија), Зајечарска гитаријада (Србија).