Дарко Рундек доаѓа во Скопје на „Таксират“

Хрватскиот музичар Дарко Рундек, со своето Карго Трио ќе го промовира новиот албум „Мостови“ во рамките на Таксират фестивалот.

Легендарниот хрватски музичар Дарко Рундек во рамки на оф-програмата на 17-тиот Таксират фестивал, ја закажува новата средба со фановите од Македонија на концерт кој ќе се одржи на 30. ноември во МКЦ во Скопје. Некогашниот лидер на култната група „Хаустор“, која беше еден од предводниците на „новиот бран“ од почетокот на осумдесеттите години на минатиот век, со своето „Карго Трио“ се враќа пред македонската публика со промоција на извонредниот и веќе одлично прифатен нов албум „Мостови“. Со новиот албум, Рундек Карго Трио годинава одржа бројни распродадени концерти ширум целиот регион и Европа, а со оглед на огромниот интерес кој тој го предизвика, групата ја продолжува промотивната турнеја во чии рамки на наше огромно задоволство се наоѓа и Скопје.

Покрај концертот на Рундек Карго Трио, во рамки на офф-програмата на 17. издание на Таксират ќе се одржат повеќе настани, од кои веќе се најавени втората меѓународна музичка „ПИН конференција“ на 27. и 28. ноември во МКЦ, која ќе биде затворена со годинашното издание на „Лузер Фест“ (сабота, 28. ноември).Главната вечер на Таксират пак, е закажана на 7. декември во „Метрополис Арена“ каде веќе е потврдено дека ќе ги пречекаме авангардните словенечки индустријал легенди „Лајбах“ и еден од најактивните и најжестоките каталонски бендови „Ла Пегатина“. Наскоро ќе бидат објавени и новите изведувачи кои ќе бидат задолжени за 17. Таксират да го запаметиме како исклучително позитивно доживување од нашето градско (не)секојдневие.