Данијела Мартиновиќ на „Струмица Опен“

Поп-пејачката Даниела Мартиновиќ од Сплит, Хрватска, ќе настапи на годинашново издание на „Струмица опен фест", кој од 7 до 16 август ќе се одржи на повеќе локации во градот.

Таа ќе биде една од главните ѕвезди на трите музички денови на Фестивалот, кој ќе се одржи на струмичкиот Плоштад. Според организаторите здружението "Културно-забавен живот", за музичкиот дел, освен Мартиновиќ, досега се договорени и Слаткаристика, Кристина Арнаудова , "Тропико бенд" и диџеј Том Нови.

„Списокот со изведувачи сè уште не е комплетиран. За една недела ќе се знаат сите имиња што ќе настапат на 'Струмица опен фест"', велат организаторите.

Според планираното, на 14 , 15 и на 16 август, на струмичкиот Плоштад ќе настапат по 4 до 5 пејачи. За време на Фестивалот планирано е да се реализираат 23 културни настани: изложби, промоции на книги, поетски читања и театарски претстави. Последните три дена се резервирани за музичката програма. Лани "Струмица опен фест" се затвори со концерт на Здравко Чолиќ.