Виртуозно мафијашко-мигрантско шоу со музичко-емотивна кулминација се случи во „МетроПОЛИС арена“

Најпопуларната, најпосакуваната и највеселата манифестација во 'нашата лепена, сечена и демонтирана република‘ во своето најново 19. издание, одржано во одлично подготвената „МетроПОЛИС арена“, со извонредна сценографија и одлично распоредени седишта за публиката понуди многу хумор, смеа, позитивни емоции и моменти на сентименталност, а најмногу фантастични музички точки.

Преселбата на „Златна бубамара на популарноста“ во „МетроПОЛИС Арена“ донесе сценска широчина и просторна длабочина. Хуморот, смеата и музичките нумери придонесоа да се засили борбата против мрачните сили што ја окупираа нашата културна и духовна галаксија. Отворањето на 19. издание на манифестацијата беше во знакот на чесната „Спонзоруша“, нумера изведена од „Тумбао салса бенд“, односно познатиот Бубамара-бенд најавен како „Коза Мустра“, а придружен од тројца џентлмени од Панама, Белизе и Девствените острови и фантастичниот трубач Џамбо Агушев. Со нумерата „Parla Pui Piano“ од најмафијашкиот филм на сите времиња „Кум“ почна незаборавното патување од речиси 4 часа низ македонскиот и балкански времеплов исполнет со смеа и убавина.

Најавена со мотото „Тик Так Тик Так... да се собереме пред да не соберат“, веќе на почетокот духовниот водач, еколошки војвода и џедај на сите времиња на „Златна бубамара на популарноста“, Ранко Петровиќ, го менува мотото во „Тик Так Тик Так... се собравме да пропееме и да се насмееме“. Песни и смеење навистина имаше во изобилство. Најмногу го имаше она убаво чувство кога сите присутни со радост и взаемна почит во празнично расположение очекуваат што следно ќе се случи на сцената.

Првите „Златни бубамари“ ги собраа „5+ Фамилија“ и „ОХО Продукција“ за Најпопуларна ТВ-серија за 2015 година и Телевизиски музички проект на годината. Серијата се емитува на ТВ Телма, додека минатата година серијата „5+ Фамилија“ имаше цела низа успешни концерти во Македонскиот народен театар. Својата благодарност за наградите Петко и неговата дружина ја изразија со песната „Скопје, граде мој мил“.

Актерката Катерина Коцевска со искрена возбуда ги додели првите награди за животно дело на дуото Кевсер Селимова и Ѓорѓи Желчевски, кои во 55-годишните заеднички настапи имаат објавено 11 албуми и настапено на безброј концерти. Двајцата истакнаа дека наградата и позитивното изненадување што им го приреди „Златна бубамара на популарноста“ ќе го помнат до крајот на животот. Потоа изведоа неколку од своите најпознати нумери.

Актерското дуо Тино и Атанас, кои пред две години заеднички добија „Златна бубамара“ за млади актери, на сцената се чувствува сѐ посигурно и поинвентивно, а на нивниот хумор публиката сѐ погласно се смее. Нивниот скеч почна со техничките замени на министрите и владата, техничката поддршка, белата техника, мобилната техника, техничката љубов и сите други можни форми на 3Г, 4Г и Г-точки за да стигнат до креација на велосипед од издувните гасови во скопскиот смог.

Наградата „Златна бубамара“ за Најдобар млад актер ја доби Жарко Димоски од Театар Комедија, а за неговата улога во мјузиклот „Чикаго“. Димоски со пеење заблагодари за наградата објаснувајќи како настапот во мјузикл му го променило животот.

Следниот блок награди ги донесе „Златна бубамара“ за ТВ Забавна емисија на „Во недела попладне“ на „Томато продукција“, Награда за интернационален успех на Браќата Тавитијан и ТВ Емисија за 2015 на „Визита“, која ја води Билјана Дебарлиева, а се емитува на ТВ Канал 5.

Лауреатката Дебарлиева, исто така, додели наградата, и тоа за Општествено одговорна компанија, која годинава ја доби „Зегин“.

Наизменично, со скечови и хумор Тино и Атанас, продолжија да ја забавуваат публиката и да доделуваат награди. Во нивниот шегобиен фокус беа ставени кампањата ’Искашлај ја својата иднина‘, ’духовната неисполнетост‘ на младите, ’невозвратената љубов‘ и причините за бегството на младите од Македонија во странство филувани со еколошки моменти, додека „Златна бубамара“ за најпопуларна група на годината доби дуото ДНК, кои 19 години ја чекале наградата.

Во категоријата Подвиг на годината награда доби Ивана Чолаковска, која со својот партнер Ману на мотор поминале повеќе од 92.000 километри низ 40 држави во светот. Во нивно име наградата ја прими моторџијата Ленин, кој ги потсети градските татковци кога прават сообраќајници низ градот да мислат и на моторџиите.

Имитирајќи ги говорите на Јордан Плевнеш, Тино ја најави и наградата за Најпопуларна балканска вокална група, која ја добија „Фрајле“ од Нови Сад, Србија, кои ја изразија својата блискост со македонската публика, а во посвета изведоа и песна на Тоше Проески.

„Фрајле“ ја најавија тројната добитничка на „Златна бубамара“, Тамара Тодевска, која доби награди за Концерт на годината за 2015 година, Албум на годината и Пејачка на годината. Тамара, пак, направи посвета на Дејвид Боуви и на Димитар Масевски, а од својот репертоар ја изведе „Врвот е дно“

Тука почнува кулминацијата на настанот. Стигнува моментот на вистината. Рафално се редат ѕвездите на вечерта. Сашко Коцев распали со духовитост и хумор. На сцената излегуваат Харе, па Тино, Атанас, Нина Деан, Дац, Дани, Гораст, Тамара, правејќи микс од песни на Игор Џамбазов, кој добива Награда за трајни вредности. Наградата му ја врачува светскиот, а македонски, кардиолог Жан Митрев, давајќи му неколку докторски совети.

Шоуменскиот пристап Џамбазов го изразува со врвна умешност, успевајќи целиот свој живот да го стави во една автобиографска песна, направена како парафраза на „My Way“. Песната предизвика солзи кај публиката.

Следуваат наградите ТВ Емисија на годината за „Зевзекманија“ на ТВ Канал 5. Наградата им ја доделува Бубо Каров, кој шеговито забележа дека добиваат награди бидејќи го нема К-15. Наградата спортист на годината ја доби пливачот-маратонец Евгениј Поп Ацев.

Во блокот театарски награди Актерка на годината е Тања Кочовска Павловска од Театарот за деца и младинци, но за нејзината улога на Мама Мортон во мјузиклот „Чикаго“. Кочовска потсети дека веќе 23 години е во Театарот за деца и дека со нејзините ’женствени‘ улоги освоила седум други награди.

Актер на годината е Петар Мирчевски од Битолскиот народен театар, кој во 2015 година оствари улоги и во театарот и во филмот. Покрај претставите во Битолскиот театар, игра и во „Мајсторот и Маргарита“ во МНТ, а на филмското платно учествуваше во снимањето на филм во кој игра и Моника Белучи, а работеше со режисерите Кустурица, Шербеџија, Аќимовиќ.

Претстава на годината е „Мајсторот и Маргарита“ во Македонски народен театар во режија на големиот македонски режисер Иван Поповски, кој работи во Русија, а поставувал претстави низ целиот свет. Поповски на сцената на „Златна бубамара на популарноста“ јавно апелираше да не се дозволи палми да се садат во Лагадин и да не се гради автопат на Галичица.

Ставајќи ја македонската историја во временска машина, од Аце Снагата до Гоце Делчев и Мис Стон, Сашко Коцев ја води манифестацијата кон вистинска кулминација.

Со доделувањето на наградите Музички видеоспот за 2015 година и Етно-група на годината на „Љубојна“ се отвора патот за наградите Прва труба на Македонија за Џамбо Агушев и Маестро на годината за Исмаил Лумановски.

Не може да се опише каков музички микс беше настапот на „Љубојна“ со Агушев, па им се придружи Лумановски, за врвот да се достигне со влегувањето на Влатко Стефановски. Вистински етнорок-кросовер во кои се преплетуваат звуците на труба, кларинет, електрична гитара, а поддржани од дувачкиот и ритмички оркестар на „Љубојна“. Топла препорака да се гледа нивниот настап на ТВ Канал 5 во недела, 21 февруари, со почеток на снимката од манифестацијата во 20 часот.Во продолжение на еуфоричната атмосфера актерот Владо Јовановски, за кого многумина сметаат дека личи на Ван Гог, ја додели наградата Трајни музички вредности на српската група „Ван Гог“, која ги изведе нивните најпознати песни „Неко те има ночас“ и „Ангеле мој брате“.

„Златна бубамара на популарноста“, предводена од вонвременскиот џедај Ранко Петровиќ“ уште еднаш го потврди својот статус на најпопуларна, најпосакувана и најзабавна манифестација во државата. Многу сатира со акцент на актуелните општествени и политички случувања, многу хумор и смеење, многу популарни и славни личности од државата и Балканот беа присутни на 19. издание. Покрај забавата, Радио Бубамара секогаш било спремно за поттикнување општествено одговорни акции и добробит на заедницата. Во таа смисла, очекуваме следното јубилејно издание на Златната бубамара да се надмине себеси.