Вечерва почнува традиционалниот фестивал „Пиво фест“

Хрватските рокери "Парни ваљак" ќе ја затворат традиционалната манифестација "Пиво фест", в недела, во центарот на Прилеп.

"Пиво фест" ќе се одржи по 14. пат, а започнува денес со настап на македонската група "Кросроуд блуз бенд" од 21 часот. По неа, настапува италијанскиот реге-изведувач Рафаел. Српската група "Тропико бенд" е по него, а забавата в четврток завршува со романскиот транс латино и поп-бенд "Флај проџект".

Белградскиот ска-панк бенд "Самостални референти" ќе ја отвори забавата на вториот ден на "Пиво фест", в петок. По него, настапува поп-ѕвездата Каролина Гочева. По Каролина, концерт ќе одржи босанската поп-група "Хари Мата Хари" и на крајот настапува грчкото хаус-дуо "Банг ла декс".

Саботната вечер е резервирана за фолк-музика. Почнува со концерт на Миле Кузмановски. По него, настапува српската фолк-пејачка Рада Манојловиќ. По неа, следува ревија на "Васидора", а вечерта ја затвора концерт на Аца Лукас. В недела, на 17 јули, "Пиво фест" започнува со концерт на српската поп-пејачка Александра Радовиќ. Трубачкиот состав на Дејан Петровиќ и "Биг бенд" од Србија ќе одржат концерт по неа, а фестивалот се затвара со концерт на "Парни ваљак".