Блуз и соул фестивал на 20 и 21 септември во Сити Хол

Македонскиот гитарист Дамир Пух со неговиот блуз проект ќе го отвори Блуз и соул фестивалот 2015, кој почнува на 20 септември во Сити Хол центарот во Скопје во организација на Дирекцијата за култура и уметност-Скопје.

Според селекторот на Фестивалот, Васја Ивановски, Дамир Пух е извонреден музичар, кој ќе направи одлична кариера и неговиот настап не смее да се пропушти. Истата вечер на Фестивалот ќе настапи и гркот Сакис Доволис трип.

„Доволис го завршува својот деби албум и е име на кое треба да се смета во иднина“, посочи Ивановски.

На 21 септември во рамки на втората фестивалска вечер ќе настапи блуз вокалистката Лајла Зое Бенд од Канада, која, како што посочи Ивановски, ја споредуваат со Џенис Џоплин.

„Последнава година таа ја освојува европската музичка сцена. Се вбројува во најдобрите локали на светската музичка сцена. Нејзините предци потекнуваат од овие простори“, рече Ивановски.

Додаде дека на Блуз и соул фестивалот, кој идната година ќе одбележи 20 годишен јубилеј, и има значителна улога и надвор од границите на Република Македонија, настапиле многу познати музичари. Билетите за Фестивалот се продаваат во Југотон и „Купи карти за се“.

Директорот на Дирекцијата за култура и уметност-Скопје, Мирко Стефановски се заблагодари на Град Скопје и на Министерството за култура за финансиската поддршка на Фестивалот.