Балашевиќ во Скопје: Човек со солзи во очите...

Најпрвин да се разбереме – Ѓорѓе Балашевиќ, ни во локални, балкански рамки, ниту, пак, глобално, едноставно не може да има лош концерт. Големо сценско искуство, или како што тој самиот вели - стара слава, во комбинација со песните со вечен сјај, се уште предизвикуваат силни емоции, кога и тој да се појави на сцена. Така беше и овој пат, на скопскиот концерт во Спортскиот центар Борис Трајковски (19-ти април 2013).

Многубројната публика која од цела Македонија повторно, како и пред две години, дојде да го слушне Панонскиот морнар, која плачеше, танцуваше и пееше, дома отиде среќна и задоволна. Па, зарем концерт кој трае повеќе од три часа, и на кој се отпеани 35 песни, може да биде оценет со оценка помала од највисоката?! Може, доколку очекувањата беа високи, сходно на делата кои Ѓоле ги остави зад себе! Од тој аспект неговата последна средба со македонската публика беше крајно рутинирана, без јасен концепт и сценарио. Без очекуваниот максимум.

Секако, тоа мислење нема да го споделат оние кои во живо го гледаа прв или втор пат, или луѓето кои за неговите митски концерти слушнаа од приказните. Некој кој присуствуваше на неговите 10-15 концерти - од Будва, преку Белград, до Скопје - нормално е да очекува многу повеќе...

Веројатно воден од мислењата дека што и да понуди, лесно ќе помине кај фановите, Балашевиќ, придружуван од Панонска морнарица, овој пат беше спонтан до крајни граници, па песните кои ги пееше, се редеа без никаков логичен ред. Уште од воведната приказна на македонски, на која се надоврза Рингишпил, кој дефинитивно не е песна за стартување на концерт, имав чувство дека го имам Балашевиќ на shuffle, а дека песните одат random, без некое посебно правило. Во најголема мерка и без воведни интересни приказни и досетки на авторот. Се што кажа меѓу песните главно беше слушнато на некој претходен концерт, ТВ-шоу или беше кажано во интервју. Значи, ни останаа само песните...

Концертот насловен Осмех се вратио у град, имаше за цел да промовира неколку (три!) нови песни (Берба 59, Љубав не побеѓује и Осмех се вратио у град), настанати лани, и секако, да ги расположи луѓето од чии лица одамна заминала насмевката. И тоа е ОК, но изборот на песните - од чардаши до балади, преку теми карактеристични единствено за Ѓоле, како да беше несоодветен. Ја лузер? и Криви смо ми (Путуј Европо), создадени во 90-тите, во време на најтешките санкции во Србија, се песни на кои сигурно не им беше место на овој концерт, бидејќи се наменски, дневно - политички теми.

Што поинаку да се мисли за песна во која се зборува за плата од шест марки, или за тема во која се глорификува Европ(ск)а (унија), која по она што се случува во Грција, на Кипар..., како да пука по сите шавови?! Зошто, по таа логика, тогаш, не ја отпеа и култната Само да рата не буде (напишана во времето на Заливската војна во 80-тите, како црно претчувство за крвавите настани на Балканот), како опомена за некои евентуални идни војни, токму сега кога Северна Кореја се перчи со својот нуклеарен потенцијал...?!

За разлика од некои поранешни концерти, овој пат пријатно изненадија Божа звани Пуб, Предлог, Неверник, За треќу смену, Не ломите ми багрење... Особено последно споменатата, напишана уште во осумдесеттите години на минатиот век, на тема Косово...

Сега ме прашуваат што мислам за Косово, а јас за тоа пеев уште во 1986-та година... – раскажа Ѓоле пред да запее. Всушност, ова беше еден од катарзичните моменти на концертот, во кој публика како да се најде во песната. Со се разуларениот саксофон на Габор Бунфорд. Како да се случи некакво си препознавање, слично како кога мечката ќе заигра во дворот на комшијата...

Од друга страна, непријатно изненади што Не волим јануар, Бездан, Једном су садили липу, Оливера, Прича о Васи Ладачком..., не беа во сет листата. Иако во меѓувреме станаа trade mark на Балашевиќ.

Секако, и овој концерт не можеше да помине без антологиските: Лепа протина кќи, Неки нови клинци, Свирајте ми Јесен стиже дуњо моја, Словенска, Чалетова песма, Д-мол..., и секако Одлази циркус, оставена за крај, после која немаше бис... Во ...Дуњо моја, кога публиката го отпеа поголемиот дел од текстот, забележав солзи во очите на маестрото...

Да не ме разберете погрешно - Ѓорѓе Балашевиќ во никакви рамки не може да има лош концерт. Но, човекот од кого секогаш имавме емотивен максимум, овој пат како да потфрли. Нешто слично како, кога од врвен уметник очекувате говор, како за Нобелова награда, а тој возвраќа со популизам за широки народни маси.
А могло је боље...

Сет листа:

Рингишпил
Ја лузер?
Осмех се вратио у град
Боже, Боже
Чалетова песма
Опрости ми, Катрин
Божа звани Пуб
Предлог
Неки нови клинци
Лепа протина кќи
Људмила (Ноќ кад је Тиса надошла)
Лаѓарска серената
Галициа
Берба 59
Отилиа (Лаконога)
Девојка са чардаш ногама
Слабо диваним маџарски
Анита (Дал се бар понекад сетим...)
Д-мол
Љубав не побеѓује
Анѓела (Моја је драга вештица)
Још једна песма о малој гаравој
Љерка (Корзо је имао свој ред...)
Неверник
За треќу смену
Криви смо ми (Путуј Европо)
Не ломите ми багрење
Свирај те ми Јесен стиже дуњо моја...
Провинцијалка
Ацо-брацо
Син јединац
Намќор (Не волем...)
Словенска
Портрет мог живота
Одлази циркус

***

(Како и пред две години на исто место, и овој концерт на Балашевиќ во Скопје го организираше Авалон продукција. На време отворените порти на спортскиот центар овозможија брз влез во салата. Единствено што домашната публика се уште не е на тоа ниво, за да сфати дека на концерт се доаѓа барем 15-20 минути порано. Заради нив, место во 21 часот, Ѓоле стартуваше неколку минутки по 21.30...)