АКЦИЈА - За чисто и зелено Водно

Радио Бубамара, по повод својот јубилеј, денеска ја најави акцијата "За чисто и зелено Водно" со едни од најголемите музички имиња на Балканот, Влатко Стефановски и Парни Валјак  кои симболично посадија неколку дрва на средно Водно и заедно со извидниците од Јадран и ПСИО почнаа со чистење на лесниот отпад на Водно.

При садењето на јаворите како благослов за подобро да се фатат и никогаш да не бидат  исечени,  младите извидници  и присутните новинари ги пееја рефрените од Парни Валјак и Влатко Стефановски, Чукни во дрво и  Ухвати ритам.

Претходно, Парни Ваљак беа во посета на ОУ Христијан Тодоровски Карпош, каде по  повод заедничкиот јубилеј со Радио Бубамара и училиштето, учениците приредија мал концерт по што заедно со Ранко Петровиќ и Аки Рахимовски весело и со песна посадија чинар во дворот.

Се повикуваат граѓаните кои во следните две недели ќе го посетат Водно или било која планина, да земат со себе ќесичка  и да соберат барем по десет отпадоци, а ѓубрето да го фрлат во контејнери. Акцијата е доброволна и во неа  можат самоинцијативно да се вклучат сите граѓани , компании и институции , под мотото: 

"Кој сака и може, нека чисти , а кој не сака - барем да не фрла ѓубре во природата", -   ни изјави Ранко Петровиќ од Радио Бубамара.

Влатко Стефановски  при најавата на акцијата рече:

"Порано имаше еден слоган:  Засади ја својата иднина ,  јас би додал : засадија својата иднина -  ама не го сечи своето минато!

Затоа треба да ја чуваме секоја зелена  гранка, да не дозволиме да биде исечено било кое зелено дрво, во име на некоја бетонска зграда . 

Аки Рахимовски  изјави дека  во потполност се согласува со Влатко и  дека  е среќен што е денеска заедно со него во својот роден град Скопје.

"Се сеќавам дека како дете секогаш за Први мај со целото друштво се качувавме на Водно и уживавме во чистиот воздух".

    

 

Од сабота, акцијата ќе започне  со чистење на планинарските патеки  заедно со граѓаните кои знаат што значи чисто и пошумено  Водно.  Во акцијата ќе бидат вклучени  комуналните служби и вработени од неколку општини кои самоиницијативно ќе се вклучат во акцијата во наредните 2 недели околу малите депонии и отпадот околу асфалните патишта.

Акцијата има за цел да се исчистат конзервите,амбалажа од сок и млеко   и пластичното ѓубре кое се фрла во природата, а е многу штетно за здравјето на секоја дрво и грмушка бидејќи за нивното  распаѓање се потребни повеќе од 500 години - а тоа е навистина  преногу .

 

СЛОГАНОТ НА АКЦИЈАТА Е 

НЕ Е ВРЕМЕ ЗА НА УЛИЦА, ВРЕМЕ Е ЗА ВО - ШУМА!

ДА ГО ИСЧИСТИМЕ ЃУБРЕТО ОД ВОДНО!